Саудиецот кој беше уапсен на аеродромот во Париз под сомнение за поврзаност со убиството на саудискиот новинар и дисидент Џамал Кашоги, денеска е ослободен откако властите заклучиле дека го помешале идентитетот, соопшти париското обвинителство.
Француски судски извори вчера рекоа дека осомничениот се вика Калед Аед Ал-Отаиби, исто како што се вика и поранешниот припадник на саудиската кралска гарда кој е опфатен со американските и британските санкции и се споменува во извештајот на ОН за неговата вмешаност во убиството на Кашоги во Турција.
Амбасадата на Саудиска Арабија во Париз во вторникот рече дека уапсениот „нема никаква врска со случајот“. Париските обвинители соопштија дека проверките покажале дека налогот за апсење издаден од Турција не се однесувал на мажот уапсен на аеродромот во Париз.
Кашоги, новинар на Вашингтон пост и критичар на саудискиот престолонаследникот Мохамед бин Салман, последен пат беше виден како влегува во саудискиот конзулат во Истанбул на 2 октомври 2018 година.
Турските власти веруваат дека неговото тело било распарчено и отстрането. Неговите останки никогаш не биле пронајдени.