Здравствената криза минатата година имаше големо влијание врз вработувањето во Франција, иако земјата успеа да ги ограничи последиците, како во четвртиот квартал, така и во текот на целата 2020 година, јави дописникот на МИА.
Првиот квартал доведе до затворање на 493.000 работни места, тренд што се надополнува со губење на 204.000 работни места во вториот квартал, односно 700.000 позиции во едно полугодие.
Во текот на минатата годината вкупно 283.900 работни места исчезнаа. Намалувањето изнесува 320.300 работни места во приватниот сектор во текот на годината, кога беа отворени 36.200 работни места во јавниот сектор. Загубите се особено бројни во секторот на комерцијални услуги (-326.000) и индустријата (-57.500). Спротивно на тоа, не пазарниот терцијарен сектор, градежништвото и јавните служби создадоа работни места.
Во четвртиот квартал, падот беше концентриран во приватниот сектор (-28.200 вработувања). Јавниот сектор, пак, се здоби со 7.600 работни места. Друг тренд, привремената работа продолжува да се враќа: по падот од 40,3 отсто во првиот квартал (-317.300 работни места), таа доби 240.000 работни места во вториот и третиот квартал и продолжува да се опоравува во текот на последните три месеци од годината. Добивајќи 5,1 отсто во четвртиот квартал, ја заврши годината со губење на вкупно 41.900 работни места во споредба со нивото на крајот на 2019 година.
Мерките на извршната власт уште од почетокот на кризата ја одиграа својата улога, падот на вработеноста беше многу помалку изразен од оној на активностите. Поддршката на делумната невработеност, особено, „се однесуваше на секој трети вработен во април“, потсетува ИНСЕЕ.
Според проценките ќе треба време да се подобри ситуацијата. Во извештајот за својата состојба, објавен во понеделникот вечерта, Банката на Франција нагласува дека француската активност е ограничена на 95 отсто од нормалното, во јануари и февруари. Додека некои сектори кои „не се директно изложени на здравствените мерки“ добро се одвиваат, други „подиректно погодени“ работат со побавно темпо или дури продолжуваат да опаѓаат.
Во март, Банката на Франција очекува „однесување на чекање и набљудување“ од претпријатијата, кои гледаат дека нивната иднина полека, но сигурно се разоткрива. „БДП би пораснал малку во првиот квартал во споредба со претходниот квартал“, предвидува институцијата, која очекува просечен годишен раст на крајот на март „блиску до четири отсто“. Извршната власт, од своја страна, се надева повторно на добро и брзо закрепнување, динамично и креативно, откако ќе бидат укинати здравствените ограничувања. Скокот во третиот квартал им дава причина да се надеваат: со крајот на првото ограничување, потрошувачката и активноста повторно заживеаја во текот на летото 2020 година.