Викендов француската Влада ја забрза кампањата за вакцинација против Ковид-19, што претставува мала победа во долгата трка со времето против епидемијата. Речиси 135.000 дози дополнителни вакцини се испратени до дваесетината најпогодени департмани од пандемијата, каде што се отворени и нови центри за вакцинација, јави дописникот на МИА.
За министерот за здравство, Оливие Веран, дел од облогот е исполнет. Вчера на 6 март 220.000 Французи добија инјекција, или „повеќе од двојно од минатата сабота“ додаде министерот, заблагодарувајќи им се на „лекарите, медицинските сестри, пожарникарите, локалните избрани политичари и вработените во локалните заедници“.
Во текот на денешниот ден се спроведува слична акција, која би требало да продолжи и натаму. Француската Влада има за цел до средината на април со првата доза да вакцинира 10 милиони лица, 20 милиони до средината на мај и 30 милиони до лето. Досега во Франција најмалку 3,4 милиони Французи добија барем една доза од вакцините против Ковид-19.