Француската Влада се откажа од зголемување на данокот на гориво во 2019 година, кој претходно беше суспендиран на шест месеци, изјави синоќа францускиот премиер Едуар Филип.
Тој пред пратениците во францускиот Парламент наведе дека „засега се откажува од зголемување“ во буџетот за 2019 година и и порача на Владата „да се подготви за дијалог“.
Неименуван претставник на Елисејската палата изјави дека претседателот Емануел Макрон се откажал од зголемување на данокот за гориво поради страв од ново насилство, по повеќенеделните протести шитум Франција и најголемите немири во Париз по повеќе децении.
Француските демонстранти ја поздравија синоќешната одлука на претседателот Емануел Макрон, кој се откажа од зголемување на данокот за гориво планирано за следната година, но истакнаа дека можеби тоа не би било доволно да се смири гневот на јавноста.
– Мислам дека одлуката е донесена предоцна, изјави портпаролката на Жолтите елеци, Жаклин Муро.
Таа додаде дека сега различни протестни групи ќе одлучуваат за понатамошните чекори, но оцени дека е многу веројатно дека ќе продолжат со протестите.