Франција верува дека левичарските екстремисти стојат зад минатонеделната саботажа на железничката мрежа СНЦФ во земјата, што се совпадна со церемонијата на отворањето на Олимпијадата, рече министерот за внатрешни работи, Џералд Дарманин.
Саботери ја нападнаа мрежата на брзите возови во Франција пред зори во петокот и ги оштетија сигналните трафостаници и каблите на клучните локации предизвикувајќи сообраќаен хаос неколку часа пред церемонијата на отворањето.
„Идентификувавме профили на неколку луѓе“, изјави Дарманин за ТВ „Франс 2“.
Тој додаде дека начинот на работа на диверзантите ги носи карактеристиките на крајно левичарските екстремисти, без да даде други информации.
Сите возови се вратија во употреба до понеделник наутро откога тимовите работеа деноноќно во текот на викендот за да ја санираат штетата, изјави министерот за транспорт, Патрис Вергриете, за РТЛ.
Вкупно 800.000 луѓе се соочија со проблеми со патувањето поради нападите, вклучително и 100.000 луѓе, чии возови мораа да бидат откажани, рече тој, додавајќи дека трошоците за државниот железнички оператор може да бидат значителни.