Француски суд го укина полицискиот притвор на извршниот директор на Телеграм, Павел Дуров и наложи негово појавување на прво рочиште поради можно обвинение, соопшти канцеларијата на обвинителот на Париз.
Дуров беше приведен во саботата, на аеродром во близина на Париз, во рамки на судската истрага за наводни 12 кривични прекршоци која започна минатиот месец, пренесува „Франс 24“.
Извршниот директор на Телеграм е роден во Русија и има француско државјанство, но и државјанство на Обединетите Арапски Емирати. Дуров се соочува со обвинувања дека неговата платформа се користи за делење на материјал за сексуално злоставување на деца и за трговија со дрога, измами и овозможување на трансакции за организиран криминал.
Телеграм, како што се наведува, одбил да предаде документи или информации на истражителите, кога бил обврзан со закон да го стори тоа.
Францускиот претседател Емануел Макрон порача дека апсењето на Дуров не е политички мотивирано, туку дека станува збор за независна истрага.