На вчерашниот десетти протест против пензиската реформа ширум Франција учествуваа 740.000 луѓе, додека пак само во во Париз имало 93.000 протестирачи, соопштија од француското МВР. Полицијата соопшти за приведување на 22 лица и сподели дека демонстрантите кои го палеле ѓубрето биле растерани со гумени куршуми.

Ова е помалку од протестот на 23 март, кога според полицијата низ земјава протестирале 1,08 милиони луѓе, додека синдикатот не се согласува со официјалните бројќи и велат дека на тој протест низ Франција протестирале дури 3,5 милиони. За тој ден во Париз, полицијата тврди за бројка од 119.000 демонстранти, а според синдикатот за бројка од 800.000 демонстранти.

Како што наведуваат странските агенции, протестите се во многу тензична атмосфера, во време на стагнација на дијалогот меѓу власта и синдикатите, а насилство имаше и попладнево во Париз.

Вчера протести се одржаа низ цела Франција: во Бордо, Нант, Рен, Марсеј, Тулуз, Брест, Стразбур и Ница.

Работниците на комуналните претпријатија во Париз, кои денеска го прекинаа штрајкот, се соочуваат со огромна работа да ги расчистат купиштата ѓубре насобрани за време на еднонеделниот прекин на работата, пренесува АП, додавајќи дека протестите низ Франција против контроверзниот закон за пензиите се чини дека завршуваат.

Околу 10.000 тони ѓубре што се фрлаат низ улиците на француската престолнина – наводно еквивалентно на тежината на Ајфеловата кула – станаа впечатлив визуелен симбол на противењето на законот на претседателот Емануел Макрон за зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години.