Одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да се согласи да разговора со неговиот американски колега Доналд Трамп за мир во Украина, првенствено се должи на најавите од Вашингтон дека размислува за испорака на крстосувачки ракети „Томахавк“ на Киев, оцени белгискиот министер за одбрана Тео Франкен.

– Мислам дека нешто се менува. Работите дефинитивно се менуваат. Заканата со крстосувачките ракети „Томахавк“ го привлече вниманието на Путин, изјави Франкен во гостување во емисија на белгиската државна телевизија ВРТ.

Ракетите „Томахавк“ имаат дострел од приближно 2.500 километри, што би и овозможило на Украина да гаѓа стратешки цели уште подлабоко на територијата на Русија.

– Тогаш Украина би можела да нанесе уште поголема и посериозна штета. Заканата за опремување со „Томахавк“ за напади врз руските рафинерии за нафта и гас, е дефинитивно нешто што Путин го слуша, додаде Франкен.

Според него, Украина и сега со дронови извршила напади врз 25 проценти од овие капацитети, а со ракетите „Томахавк“ би можела да нанесе уште поголеми штети.

Франкен додаде и дека вистинската стратегија за да се убеди Русија да стави крај на војната е да се зајакнат санкциите.

– Не е лесно воено да се победи Русија. Тоа мора да го направи економски, со санкции. Мора да ги удрите таму каде што ги боли, по паричникот, рече Франкен.

Тој додаде дека најавите за построги санкции и преземените мерки против бордовите од т.н. „флота во сенка“ со кои се транспортираат руски стоки опфатени со режимот на санкции, се уште една причина зошто Путин сака „сега да седне на маса“.

– Фактот што Франција последно блокира брод од „флотата во сенка“ и е во процес на негово заробување, значи дека тие се во неволја. Затоа, не е незамисливо Путин сепак да реши да послуша, додаде Франкен.

Фото: Принтскрин