Брегзит е закана за мирот во Северна Ирска, пишува денеска германскиот конзервативен весник „Франкфуртер алгемајне Цајтунг“ по бомбашкиот напад во Лондондери.
– Експлозијата ја потресе земјата која веќе е поделена многу повеќе отколку што беше во минатото… Покрај се, од референдумот за Брегзит во 2016 година, можноста за „тешка“ граница со Европската унија стана закана за мирот во Северна Ирска, напиша весникот во уредничкиот коментар и додаде дека е можно да има поврзаност меѓу дебатата која сега го тресе целото Обединето Кралство и бомбашкиот напад, но се уште не е докажана.
Политичарите од сите страни го осудија нападот, што според ФАЗ е доказ дека постои надеж да се избегне враќањето на насилството од минатото. Сепак, весникот предупредува дека „екстремисти кои не се отворени за политичко решавање, не се факт само за Северна Ирска“.
Во меѓувреме, уште двајца мажи вчера беа уапсени во врска со нападот во Лондондери, со што вкупниот број на задржани се искачи на четири лица. Првите двајца уапсени имаат по околу 20 години, третиот има 34, а четвртиот 42 години.
Извори блиски до истрагата велат дека зад нападот стои „Нова ИРА“ – дисидентска гранка на Ирската републиканска армија.
– Нашата главна верзија е Нова ИРА, изјави заменик-шефот на полицијата Марк Хамилтон, кој рече дека тоа е „мала група која е слабо застапена“.