Македонија и годинава останува делумно слободна земја, покажува последниот извештај на „Фридом хаус“ насловен „Слободата во светот 2025“.

Земјава, исто како и минатата година, има индекс на слободата од 67 од можни сто поени. Рангирањето на „Фридом хаус“ е врз основа на два критериуми – политички права и граѓански слободи. Политичките права се оценети со индекс 28 од можни 40, а граѓанските слободи со 39 од 60 поени.

Во извештајот се наведува дека земјата продолжува да се бори со корупцијата, и додека медиумите и граѓанското општество учествуваат во енергичен јавен дискурс, новинарите и активистите се соочуваат со притисоци и заплашување.

Од државите во поширокиот регон, најдобро позиционирана е Словенија со индекс 96. Во групата слободни земји се и Грција (85). Хрватска (82) и Бугарија (77). Во делумно слободни, пак, се Црна Гора (69), Албанија (68), Косово (60), Србија (56) и Босна и Херцеговина (52).

„Фридом хаус“ во извештајот оценува дека слободите ширум светот минатата година опаднаа, додека авторитарните режими ја зацврстија својата контрола, но има значителен напредок во Јужна Азија.

Организацијата за истражување со седиште во Вашингтон издигна две земји до статус на „слободни“ – Сенегал, каде опозицијата триумфираше откако беше поразен обидот на претседателот во заминување да ги одложи изборите, и Бутан, хималајското кралство кое ја консолидираше транзицијата кон демократија со конкурентни избори.

Бутан стана единствена јужноазиска земја класифицирана како слободна. Но, другите во регионот остварија значитечни придобивки во индексот без промена на категориите – Бангладеш, каде лидерот Шеик Хасина побегна соочен со револтот на народот, и Шри Ланка, каде Анура Кумара Дисанајаке беше избран за претседател на антикорупциска платформа со која долго време раководеа двете доминантни партии.

Најголемо подобрување на оценката во индексот, кој ги следи и земјите и териториите, е во Кашмир под индиска управа, кој одржа избори за првпат откако националистичката влада во Њу Делхи го укина специјалниот статус на регионот со мнозинско муслиманско население во 2019 година.

Според „Фридом хаус“, Индија како целина забележала дополнително влошување посочувајќи ги напорите на премиерот Нарендра Моди да стекне влијание врз судиските назначувања. Групата го намали рејтингот на најголемата демократија во светот од „слободна“ на „делумно слободна“ во 2021 година.

Јана Гороховскаја, коавторка на извештајот, изјави дека слободите паѓаат на глобално ниво 19-та година по ред, но дека 2024 година била особено нестабилна поради големиот број избори.

– Големата слика е дека ова беше уште една година на истата траекторија на глобален пад на слободата, но поради сите избори, таа беше подинамична од претходните години“, рече Гороховскаја.

Таа додаде дека и Бангладеш и Сирија, каде борците предводени од исламистите го соборија долгогодишниот лидер Башар ал-Асад во декември, забележаа моментални подобрувања во граѓанските слободи – но дека ќе биде подолг патот за да се забележат придобивки во политичкото претставување.

Политичките права во голема мера „зависат од институциите. И тие лесно се уништуваат, но многу тешко се градат“, рече таа.

Ретка светла точка на Блискиот Исток е Јордан, кој беше надграден од „неслободен“ во „делумно слободен“. Фридом Хаус укажа на реформите што овозможија поконкурентни избори во кралството.

Слободите ширум светот минатата година опаднаа, додека авторитарните режими ја зацврстија својата контрола, но има значителен напредок во Јужна Азија, соопшти денеска Фридом Хаус во својот го

Од друга страна, четири земји беа деградирани од „делумно слободни“ во „неслободни“ – Кувајт, Нигер, Танзанија и Тајланд.

Во Тајланд – кој постојано се менуваше во категориите на Фридом Хаус – судот ја распушти партијата која освои најмногу гласови на изборите, а потоа го разреши премиерот од втората по ранг партија по етичкиот приговор од сенаторите поддржани од моќната војска.

Кувајтскиот емир го распушти парламентот по изборите, додека во Танзанија, Фридом Хаус укажа на задушување на демонстрантите под претседателката Самиа Сулуху Хасан.

Нигер се најде под целосна контрола на војската по државен удар во 2023 година со кој беше соборен избраниот претседател Мохамед Базум.

Тунис, Ел Салвадор и Хаити, исто така, забележаа голем пад. Единствената земја со совршена 100 оценка за слободата е Финска, а потоа се Нов Зеланд, Норвешка и Шведска со 99 поени.

Фридом Хаус, основана во 1941 година со двопартиска американска поддршка, ја финансира американската влада, но се води како независна. Непрофитната група планираше отпуштања откако американскиот претседател Доналд Трамп ги замрзна парите наменети за промоција на демократијата.

Фото: Фридом Хаус