Обременет со големи финансиски проблеми и неизвесна иднина, актуелниот македонски фудбалски шампион Вардар, денеска ги започна подготовките за пролетниот дел од сезоната, на само четири дена пред првенствениот натпревар против Пелистер во Скопје.
Вардар од клупата ќе го предводи поранешниот македонски селектор Никола Илиевски – Џиџи, а стручниот штаб, како што соопшти попладнево клубот, е комплетиран со неколку познати поранешни фудбалери на „црвено-црните“.
Во стручниот штаб се вклучени Бобан Грнчаров, Никола Глигоров, Златко Таневски и Филип Ивановски. Тренер на голманите останува Саша Илиќ, кој долго време е на оваа позиција, додека Михајло Шејкероски ќе биде кондициски тренер.
Вардар есенската полусезона во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) ја заврши на петтото место со 24 бодови, 15 помалку од лидерот Шкендија.