Фудбалерите се подолг период без плата, се бориме да обезбедиме средства и за ручек, немаме каде да тренираме. Ситуацијата во моментот е, благо речено, алармантна. Нема што да криеме, нема што да се лажеме, вели сопственикот на ФК Вардар Слободан Крстевски, кој повеќе не може да го финансира клубот.
„Изминатите шест-седум месеци имам проблем со финансирање на фудбалскиот клуб Вардар. Се бориме да обезбедиме од некои основни средства, да речеме од ручек, па до плати. Момците кои играат, подолг период немаат земено плата, проблем за кој бараме решение веќе подолг период. Меѓутоа, за жал, досега не успеавме да најдеме заеднички јазик со ниту еден спонзор, ниту со потенцијален нов купувач“, вели Крстевски во Топ тема на телма.
Крстевски бара нов спонзор кој би го преземал клубот.
Имаме проблеми со инфраструктура, почнувајќи од немање каде да тренираме, до земањето на платите кои се основен параметар и основен услов за тие момци да излезат на терен и да остават срце за Вардар, рече Крстевски.
Првиот човек на Вардар, сепак, ги пофали фудбалерите кои, и покрај незавидната состојба во која западна клубот, играат, како што рече, со срце.
Една или две плати имаат земено, а се први на табела. Буквално гинат на секој натпревар. Тие не се херои само на Вардар, туку херои на цела држава и се пример како треба да се функционира, кога еден колектив е на стаклени нозе. Тие се единствени заради кои Вардар е опстанат во моментот. Можат да кажат „од утре повеќе не играме, но продолжуваат заедно и со истата, заедничка, цел – враќање во првата лига и менување на целата слика за Вардар“, изјави Крстевски.