Министрите за надворешни работи на земјите членки на Групата седум најразвиени земји (Г-7) ги повикаа Белград и Приштина конструктивно да се ангажираат за нормализација на односите преку сеопфатен и правно обврзувачки договор.
– Ги повикуваме Косово и Србија конструктивно да се ангажираат и да ги нормализираат во целост своите односи по пат на сеопфатен и правно обврзувачки договор за да можат да напредуваат на својот економски пат, се наведува во заедничкото коминике на крајот на самитот.
Во документот се додава дека без ефикасна и сеопфатна нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, преку дијалог со посредување на ЕУ, не може да има трајна стабилност во регионот.
Шефовите на дипломатиите на Г-7 напоменуваат и дека ја потврдуваат својата посветеност на безбедноста, стабилноста, просперитетот и европската перспектива на шест партнери од Западен Балкан.
Тие ја истакнуваат и важноста за унапредување на неопходните внатрешни реформи, особено во однос на владеењето на правото, се наведува во коминикето од 25 страници, објавено на веб-страницата на француското Министерство за надворешни работи.
Состанокот на министрите на Г-7 се одржа викендов во францускиот регион Бретања.
Членки на Г-7 се Франција, Германија, Италија, Јапонија, Обединетото Кралство, САД и Канада.