Името на една црква никогаш не изразува етничка припадност, вели во интервјуто за Радио Слободна Европа (РСЕ), поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г. г. Стефан.

Архиепископот Стефан вели дека Синодот не бил против тн. француски предлог под услов да биде заштитен македонскиот идентитет, а правата на македонското малцинство во некои од соседните земји да бидат според европските стандарди.

-Станува збор за еклисиолошкото име со кое секоја Помесна Црква е заведена во општиот православен список, наречен диптих. Вообичаено тоа е името на центарот, или на градот-полис на територија што ја зазема Црквата, или на историската катедра, со посочување на современата територија каде што се простира јурисдикцијата во дадениот момент. Секако, историски, јурисдикциската територија се менувала во зависност од околностите, што исто така требало да е потврдено и озваничено со документ од меродавниот орган, а не со еднострана иницијатива. Во оваа смисла, Грчката православна црква е заведена со еклисолошкото име – Атинска Архиепископија и нејзината територија се протегала во границите на тогашната Грчка држава. И друго појаснување во оваа насока: името на Црквата никогаш не изразува етничка припадност. Православието не познава „ни Елини, ни Јудејци…, ни варварин, ни скит, ни роб, ни слободен, а сѐ и во сѐ е Христос“ (Кол. 3,11). Всушност, Христос сите „нѐ откупи за Бога од секое колено, јазик, народ и племе“ (Откр. 5,9). Верувам, во овој контекст, дека никој нема потреба ниту интерес за мешање во нашите внатрешни работи и внатрешното уредување, особено ако јасно се изразени и потврдени позициите, вели меѓу другото Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија во интервјуто за РСЕ.

На прашањето како ќе биде заведена нашата Црква во диптихот на православните цркви додава и дека „Верувам, во овој контекст, дека никој нема потреба ниту интерес за мешање во нашите внатрешни работи и внатрешното уредување, особено ако јасно се изразени и потврдени позициите“.

Архиепископот Стефан изразува надеж дека обзнанувањето на Томосот за автокефалност ќе биде доделен во многу блиско време. Објаснува и дека Синодот не бил против францускиот предлог, само апелираат да се сочува македонскиот идентитет.