Дводневниот самит на Г20 на водечките економии започнува денеска, обележан со отсуството на многу светски лидери и жестоката дебата за мировниот план на САД за Украина, објави ДПА.
Американскиот претседател Доналд Трамп, како и шефовите на државите на Русија и Кина – Владимир Путин и Си Џинпинг – се меѓу лидерите кои го откажаа своето учество на првиот самит на Г20 на африканскиот континент. Лидерите на Мексико и Аргентина исто така се отсутни.
Администрацијата на Трамп целосно ги бојкотира разговорите бидејќи ја обвинува јужноафриканската влада за строги репресии врз белите земјоделци. Јужна Африка ги отфрла обвинувањата како неосновани.
Домаќинот на состанокот, јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса, го фокусира самитот на теми за солидарност, еднаквост и одржливост.
Неговите главни приоритети вклучуваат олеснување на долгот за земјите во развој, праведна енергетска транзиција, фер и чиста употреба на оскудните природни ресурси, фер распределба на товарот во заштитата на климата и безбедноста на храната.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги повика земјите од Г20 да работат на ставање крај на конфликтите што „предизвикуваат толку многу смрт, уништување и дестабилизација низ целиот свет“.
Гутереш конкретно ги спомена војните и конфликтите во Украина, Газа, Судан, Мали и Демократска Република Конго.
-Насекаде – од Хаити до Јемен, Мјанмар и пошироко – мора да избереме мир заснован на меѓународното право, рече тој. Тој, исто така, ги повика земјите да преземат мерки за климатските промени и да помогнат во намалувањето на глобалните нееднаквости: и финансиската нееднаквост и застапеноста во меѓународните институции.
ФОТО: Еурактив




