Вечерта спроти церемонијата на одбележувањето на 100 годишнината од крајот на Првата светска војна, францускиот претседател Емануел Макрон организираше вечера за високите гости во музејот Орсе во Париз.
Можеби таа вечера ќе минеше незабележано во регионот да не се појавеше една фотографија на која е хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ, која им падна в очи на твитерџиите.
Всушност самата фотографија не е никаков проблем. На нејзе Колинда со сопругот Јаков ги поздравуваат фоторепортерите на црвениот тепих, пред влезот во музејот. Но, тоа што пишува под фотографијата објавена на сајтот на агенцијата Гети е многу интересно: „Хрватскиот претседател Колинда Грабар Китаровиќ и неговата сопруга пристигнуваат…“
Веројатно е само лапсус, но не е од Колинда.