Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека Израел е во „продолжена војна“ и дека мора да се обезбеди нормален живот за Израелците.
– Мораме брзо да ги решиме работите, по цена да не го направиме тоа совршено, рече Галант за време на состанокот со комитетот за економија во вонредни ситуации, кој вклучува владини и локални претставници.
Тој истакна дека воениот план бил да се запре ракетниот напад на групата Хамас за да може да продолжи јавниот и цивилниот живот на Израелците во близина на Појасот Газа.
Галант изјави дека копнената операција на Израелските одбранбени сили во Газа „потиснува значителен дел од заканата за домашниот фронт“.
– Ракетниот оган на Хамас овие денови главно се обидува да ја наруши рутината на нормалниот живот. Мораме да се погрижиме граѓаните да бидат безбедни, како и да им овозможиме непрекината дневна рутина, додаде Галант.