Координаторот за надворешна политика и проширување во Европскиот парламент, Михаел Галер, ја критикуваше владата во Тирана за клевета, со што својот однос кон ЕУ го направила непријателски, пренесува агенцијата Балкан веб.
Според порталот, Галер го потсети Рама дека мора да биде „повнимателен со неевропските пазари и со земјите непријателски расположени кон Европа“, алудирајќи на Турција.
Тој, исто така, го акцентира неисполнувањето на условите од страна на Албанија за почеток на преговорите и апелира до владата да ги исполни и да не ги негира истите.
-Заклучоците на Европскиот совет се познати, препораките на Венецијанската комисија се познати, текстот и духот на договорот од 5 јуни се познати! Нема напредок во многу услови: Законот за медиуми не е подобрен, фунционери вклучени во манипулација со гласови избегаа кривично гонење, исто така високи владини службеници и поранешни судии вклучени во корупција избегнаа гонење, а перењето пари и понатаму останува загрижувачка појава, наведува Галер.
Додава дека уставноста на локалните избори во 2019 година се уште не е расчистена, а воспоставувањето на новите судски институции оди бавно.
-Владата во Тирана не треба да ги провоцира пријателите на европска Албанија, или со негирање на овие услови или со оцрнување на ЕУ за нејзината помош или со склучување договори со трета страна преку кршење на европското право, порача тој.
Посочува дека овие прашања ги покренал во европските форуми и оти ќе продолжи да ги поставува заради кредибилитетот на земјата и брзиот напредок кон членство во ЕУ.