ЈП Дрисла во минатото потрошило 850.000 евра на тендер за изнајмување на машини, познато е дека минатата градска власт покрај тоа што е позната како обожавател на бифтеци, била обожавател на тендери, така за изнајмување на механизација била ангажирана компанија која во јавноста беше кажано дела била блиска до претходниот генерален секретар на владата против кого се водат повеќе кривични постапки, а самата компанија потекнува од Струмица и е блиска до струмичкиот клан кој е фаворизиран и омилен на централната власт, изјави Галески, советник во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната седница на советот на Град Скопје наменета за советнички прашања.

Галески прашува бидејќи ова претставува основен сонмеж за корупција дали актуелниот директор планира во иднина набавка на сопствена механизација како би се спречиле понатамошни сомнежи при ангажирање на компании.

Директорот на ЈП Дрисла, Јане Мицевски во својот одговор истакна дека досегашната пракса за изнајмување градежни машини од надворешни компании од денес прекинува и станува минато, а претходното раководство трошело многу повеќе пари за таа намена.

– Во текот на вчерашниот ден пуштени се во употреба 4 нови градежни машини, кои Јавното Претпријатие „Дрисла“ ги набави со сопствени средства и со тоа во иднина нема да имаме потреба да изнајмуваме градежни машини од надворешни компании, посочи Мицевски.

Галески упати и две прашања до директорот на ЈП Водовод кои се однесуваат на можноста на плаќање на сметките без камати, но и во врска со инвестициите на водоводната и канализациона мрежа кои очигледно беа запоставени од претходното раководство

– Другите две прашања се однесуваат до директорот на ЈП Водовод. Започна одлична акција, со оглед дека голем дел граѓани имаат економски потешкотии, а тоа е можноста за плаќање на сметки за вода без камата, колку е искористеноста на оваа акција? Второ прашање е дали се планира инвестиции во однос на водоводната и канализационата мрежа со оглед дека Скопје има децениска зпоставеност во одредени делови на градот, изјави Галески.

Во однос на прашањата директорот на ЈП Водовод, Златко Перински истакна дека во врска со акцијата за наплата на сметки без камата од страна на стопанството и домаќинството реализирани се 310 договори во вредност од 22 милиони денари, додека во врска со реконструкцијата на водоводната и канализациона мрежа согласно постоечката рамка со важност до 15 април планирано е реконструкција на 7 улици во четири општини во вредност од 40 милиони денари.

– И во таа насока согласно потребите на Градот Скопје и на останатите општини, со новата рамковна спогодба која што ќе ја склучиме некаде после 16 април дополнително околу 90 милиони денари во делот на водоводната мрежа ќе ни бидат на располагање за реконструкција и околу 70 милиони денари ќе ни бидат на располагање за реконструкција на канализациона мрежа. Така што имаме доволно средства предвидено во оваа година, ќе ги обезбедиме и ќе можеме да одговориме на потребите на граѓаните скоро во сите општини, вели Перински.