Тренерот на Лил, Кристоф Галтие, обелодени дека ќе го напушти клубот во интервју што денеска го објави парискиот весник „Л”Екип“, само 48 часови откако на францускиот клуб му ја донесе првата шампионска титула од 2011 година.

– Моето лично уверување е дека овде ја завршив својата работа, рече Галтие, кој сезонава беше прогласен за најдобар тренер во француското првенство.

Галтие истакна дека неговата одлука не е поврзана со актуелната финансиска состојба во Лил.

– Квалитетот на играчкиот кадар за следната сезона или економската ситуација не се поврзани со мојата одлука. Тоа е поврзано со мене лично. По четири сезони минати во овој клуб, мислам дека е време, изјави Галтие.

Францускиот стратег потврди дека веќе има најмалку пет понуди, вклучувајќи ги Лион, Ница и Наполи, додавајќи дека сите три се интересни и до крајот на оваа недела би можел да избере меѓу една од нив.