Во Украина е уништен тенк Челинџер 2, што не се случило во текот на речиси 30 години користење на тие тенкови од британско производство на боиштето, пишува лондонски Гардијан.
Уништувањето на „Челинџер 2“ во близина на Работин, во областа Запорожје, е прв таков инцидент во изминатите 30 години во кои овие тенкови се користени во борба, пишува „Гардијан“, повикувајќи се на воени експерти.
Снимката од бојното поле која синоќа кружеше на социјалните мрежи го покажува уништувањето на британскиот Челинџер 2.
Западни извори денеска соопштија дека тенкот првично удрил во руска мина во понеделникот, која го разнела задниот дел каде е горивото. Екипажот потоа безбедно се евакуирал, но додека оклопното возило мирувало, било погодено од дрон Лансет, пишува Гардијан.
Типичен екипаж на Челинџер 2 се состои од четири лица, а муницијата на тенкот се чува во посебни прегради, за разлика од руските еквиваленти, за да се спречи да експлодира доколку дојде до директен удар. Но, во овој случај бил погоден резервоарот за гориво, наведува британскиот весник.
Ниту еден Челинџер 2 не е изгубен во борба откако првпат беше распореден во 1994 година, пишува Гардијан.
Велика Британија и обезбеди на Украина 14 тенкови на почетокот на оваа година, а не е познато дали тие беа широко користени на линијата на фронтот во последните недели.
Велика Британија има 213 преостанати тенкови „Челинџер 2“, откако донираше 14 на Украина, иако на пратениците во март им беше кажано дека 157 се достапни за операции, додава „Гардијан“.
Единствената друга земја која користи такви тенкови е Оман.
Министерството за одбрана на Велика Британија не демантираше дека на видеото се гледа „Челинџер 2“ и неофицијално прифатија дека е изгубен еден од британските тенкови, пишува Гардијан.