Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.
Претседателот Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработка што постои меѓу две земји во иднина уште повеќе да се зајакнува и унапредува. На меѓународен план двете држави имаат исти цели и интереси а тоа е членството во Европската унија, меѓусебна поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и да ја продлабочуваат регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека две држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција затоа што тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија туку и за останатите земји од регионот од Западниот Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатерални парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат скоро секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и се пример за соработка во регионот. Истакна дека е подобрена соработка во многу сфери од заеднички интерес што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави Останува определбата за уште поголема соработка особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои што живеат во двете земји и претставуваат мост на градење на стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги за кои постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател, Бајрам Бегај, се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.




