Претседателот на Собранието останува на ставот дека нема деловничка можност да закаже седница за Законот за бранителите, но ќе ги свика пратениците од надлежната комисија, кои ќе треба да одлучат, дали е во право. Сепак, вели дека тоа нема да го стори затоа што СДСМ му испратиле барање, туку затоа што самиот смета дека така треба.
-Мене ми е одземена можност да свикам седница која е веќе свикана во одреден ден кога се требало да се постапи по тоа прашање. Така да, тоа останува во доменот на Комисијата за социјална политика, демографија и млади да одлучи за Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и членовите на нивните семејства, рече тој.
Одговарајќи на новинарско прашање дали претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Иљире Даути го прекршила Деловникот со тоа што не свикува седница со ова точка на дневен ред, Гаши рече дека тој како претседател на Собранието е обврзан да го применува Деновникот, а не да суди.
-Јас како претседател на Собранието сум обврзан да го применувам Деловниот, но не сум тој кој суди дали некој прекршил или не. Тоа останува веќе, тоа е простор за интерпретација на различен политички аспект, правен аспект итн. Секој како што го гледа тоа може да го оцени. Мислам дека тоа е веќе друго прашање, не можам јас да судам околу тоа, рече тој.
Гаши не сакаше да одговори, дали претседателката на Комисијата за социјална политика, Илире Даути, го прекршила Деловникот со тоа што свика седница, но не го стави законот на дневен ред, велејќи дека е обврзан да ги применува правилата, а не да суди.
Од СДСМ, кои го предложија законот и бараат Гаши да свика седница, ако не сака Даути, ќе чекаат да видат што ќе се случува неделава, па ќе ги планираат понатамошните потези.
Вицепремиерот Меџити, пак, е подиректен. Тврди дека, овој закон нема да биде донесен.
И Меџити денеска, како и Таравари вчера, тврди дека различните ставови на коалиционите пертнери за овој закон нема да ја нарушат коалицијата и дека владата е стабилна.