Министерот за економија Крешник Бектеши и косовскиот министер за економски развој Валдрин Лука денеска во Скопје потпишаа Меморандум за соработка во областа на енергетиката со што се отвора можност за заедничко аплицирање за грантови пред Инвестицискиот фонд за Западен Балкан (WBIF) за изработка на физибилити студијата за гасно поврзување меѓу двете земји.
-Минатата недела на седница на Владата донесовме одлука освен националниот гасовод, да почнеме и со градење на дистрибутивната мрежа низ градовите во Република Македонија. Но, не остануваме тука. Овој меморандум за соработка ќе биде почеток заедно со косовската страна да аплицираме за грантови што може да ги добиеме од финансиските институции се со цел да се поврземе со гас и со Косово, изјави Бектеши по потпишувањето на меморандумот.
Тој посочи дека на средбата со косовскиот колега станало збор и за продлабочување на соработката меѓу ЕЛЕМ и косовски КЕК, особено заради снабдување на ТЕЦ Осломеј со јаглен од Косово, како и за почетокот на градба на автопатот Скопје-Блаце.
Косовскиот министер Лука порача дека постои една стара гасоводна траса меѓу Македонија и Косово од времето на поранешна Југославија која е надвор од фунцкија, но нагласи дека би можела да се реактивира со грант и буџетски средства.
-Сметаме дека тоа би било најефикасниот и најевтиниот начин на изградба на гасовод меѓу двете земји. Македонија со конкцијата со Бугарија и со Грција ќе има голем проток на гас и само една третина од количината на гас ќе ја искористи за внатрешни потреби. Заради тоа ќе може да го пласира вишокот на гас надвор од земјата. Токму заради тоа Косово гледа можност да се снабдува со гас од Македонија, особено во зимскиот период кога се троши повеќе за греење, посочи Лука.
Косово, како што кажа, разговара со Македонија за обезбедување јаглен за ТЕЦ Осломеј, како и за изградба на една контролна точка на границата меѓу двете земји на автопатот Приштина-Скопје.
Одговарајќи на новинарско прашање министерот Лука посочи дека авотпатот „Арбен Џафери“ од Приштина до Блаце е во должина од 70 километри и вкупно чини 600 милиони евра.
-Автопатот требаше да биде готов до крајот на минатата година, но беше побарано одложување до мај годинава. Се уште немаме точна сума колку ќе чини патарната, бидејќи ќе зависи од фреквенцијата на возила, но очекуваме да не биде многу висока, рече Лука.