По големата грешка на голманот Давид Оспина, Лацио вечерва го победи Наполи со 1:0 во дуел од 19. коло во Серија А.
Тренерот на наполитанците, Џенаро Гатузо, застана во одбрана на голманот.
– Го замолив тимот да го искористи голманот како последен дефанзивец. Затоа, не можам да се жалам. Ова е ризик. И такви грешки можат да се случат. Не можам да се лутам со Оспина затоа што тој го правеше она што јас го барав од него. Го сметам голманот за играч на терен кој треба да ја организира играта. Луѓето ја забележаа само грешката, а не и фактот дека неговите додавања ги забрзаа нашите напади 20 пати и го намалија притисокот врз нашата одбрана, изјави Гатузо.
Тој се пожали на неефикасноста на тимот.
– Промашуваме некои шанси кои мораат да се реализираат, но гледам позитивни чекори напред. Почнувам да ја гледам тимската игра што ми треба. Овој тим го играше најдобриот фудбал во Италија долги години. И таа игра со стил, треба да ја вратиме. Но за да се случи тоа, ние мора да ја вратиме самодовербата, потенцира предводникот на Наполи.