Ридот на храмовите во стариот град во Ерусалим денеска повторно е отворен за еврејски посетители, неколку дена откако стапи во сила примирјето меѓу Израел и палестинските милитанти во Газа.
Израелската полиција придружуваше околу 50 еврејски посетители до светото место во Ерусалим, каде полициските акции во последните неколку недели предизвикаа протести и насилство што предизвика војна во Газа, соопшти исламската администрација која ја надгледува локацијата.
Вакуфот соопшти дека полицијата ги исфрлила младите Палестинци од комплексот на џамијата Ал-Акса и забранила влез на муслимани помлади од 45 години. Уапсени биле тројца муслимани, вклучувајќи и еден стражар.
Муслиманите кои влегле морале да остават лични карти кај полицијата на влезот.
Портпаролот на израелската полиција, Мики Розенфелд, рече дека објектот е отворен за редовни посети и оти полицијата ја обезбедува областа за да спречи инциденти, без дополнително објаснување.
Израелската полиција по молитвата во петокот накратко се судри со палестинските демонстранти, што беше првиот тест за примирјето што стапи во сила неколку часа претходно.
Џамијата Ал-Акса е третото најсвето место во исламот.