На денешната седница на Економско – социјалниот совет, покрај другото бизнис заедницата имала барање стапката на Данокот на додадена вредност од сегашните 18%, да се зголеми на 19,5%,  информира  премиерот Христијан Мицкоски на прес – конференцијата која ја одржа за време на одржувањето на седницата.

Тој појасни дека на седницата имало и други идеи и предлози кои треба добро да се анализираат.

-Имаше сега на седницата да речеме предлог да се зголеми ДДВ од страна на бизнис заедницата. Да не биде 18 туку да биде 19,5%. Секакви идеи има. Ние треба да ги ставиме сите аргументи на маса, да направиме една жестока анализа, да видиме што добиваме, што губиме и дури потоа да носиме одлуки – рече премиерот Мицкоски.

Данокот на додадена вредност се пресметува и се плаќа во сите фази на производството и трговија, како и во целокупниот услужен сектор.