Изградбата на гасоводот Турски поток во Србија ќе биде завршена до крајот на 2019 година, изјави шефот на рускиот енергетски гигант Газпром, Алексеј Милер.
– Гасоводот ќе се протега од српско-бугарската, до српско-унгарската граница. Што се однесува до крајните рокови, базната линија ќе биде изградена до крајот на 2019 година, изјави Милер за руската Прва телевизија, додавајќи дека гасоводот низ Србија ќе биде долг 403 километри.
Запрашан кога ќе почне изградбата на инфраструктурата на јужниот коридор низ Србија, Милер нагласи дека тоа ќе се случи „буквално во наредните денови“.
Рускиот претседател Владимир Путин за време на неговата вчерашна посета на Белград изјави дека Русија е подготвена да вложи 1,4 милијарди долари во развој на гасна инфарструктура во Србија, потенцирајќи дека сепак поврзувањето на земјата со „Турскиот поток“ ќе зависи пред се од одлуката на ЕУ.
– „Јужен потек“ пропадна не по наша вина. Бугарија искажува заинтересираност за поврзување со „Турски поток“, кој би одел кон Србија… Ние сме подготвени за ова, за инвестирање и веќе превземавме подготвителни работи. Но, од нас малку што зависи, изјави Путин, додавјќи дека и Турција е заинтересирана за ова прашање.
Русија и Србија потпишаа Меморандум за меѓусебно разбирање за проширување на капацитетот на подземното складиште за гас во Банатски Двор.
Меморандумот ги поставува основните параметри за проширување на подземното складиште до 750 милиони кубни метри годишно.
Во меѓу време. рускиот министер за енергетика Александар Новак, најави дека Русија е подготвена да ги зголеми испораките на гас преку Србија.
Тој наведе дека Србија не само што добива гас, туку тој и транзитира низ неа. Според Новак, сегашниот обем изнесува околу 350 милиони кубни метри годишно, а се разгледува можноста за зголемување на обемот на транзит на гас.
Во 2017 година, двете земји потпишаа протокол за проширување на инфраструктурата за транспорт на гас.
Одговарајќи на прашањето за евентуалното учество на Србија во проектот „Турски поток“, Новак нагласи дека сите транспортни прашања ќе бидат решени во согласност со европското законодавство и законите на Србија.