Претседателот на Управниот одбор на рускиот „Газпром“, Алексеј Милер изјави дека Србија може да се поврзе на гасоводот „Турски поток“, преку кој ќе се дистрибуира гас од Русија преку Црното Море до Турција.

– Да, таа можност постои. Како што знаете, проектот „Турски поток“ претпоставува изградба на две траси на гасовод од Русија до Турција преку Црното Море. Со првиот крак, гасот ќе оди на турскиот пазар. Вториот крак е наменет за снабдување со гас на земјите од Јужна и Југоисточна Европа, вели Милер во изјава за денешното издание на белградскиот веник „Вечерње новости“.

Тој, како што пренесе МИА од Белград, објаснува дека за снабдувањето на Европа со гас од тој гасовод, потребно е европските компании да ги спроведат капацитетите за прием и понатамошен транспорт на гасот.

Милер вели дека „Газпром“ веќе има потпишано „патокази“ за развој на националните гасоводни системи со Бугарија, Србија и Унгарија.

– Операторите за транспорт на гас веќе работат, за да осигураат дека системите за транспорт на гас во овие земји се подготвени да примат дополнително количество на гас. Во исто време, постои и можност за испорака на гас од територијата на Турција кон Грција и понатаму на југ до Италија, вели Милер.