Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус повика на нова истрага од експерти во врска со наводите за „истекување на коронавирусот“ од кинеска лабораторија.

Тој исто така го критикуваше недостигот на пристап до податоци за меѓународни експерти.

Иако експертите кои го истражуваа потеклото на вирусот во Кина во јануари и февруари, тврдењата за лабораториско протекување ги оценија како малку веројатни, „потребно е дополнително истражување, веројатно со нови мисии со специјализирани експерти кои сум подготвен да ги распоредам“, рече генералниот директор на СЗО.

Хипотезата дека коронавирусот можел да „избега“ од лабораторија ја бранеше претходната американска администрација на Доналд Трамп, и беше заснована на податоци од разузнавачки служби.

Кина секогаш ја негираше таквата можност.

Гебрејесус зборуваше непосредно пред официјалното објавување на извештајот за потеклото на коронавирусот и прес-конференцијата на некои од меѓународните експерти кои отпатуваа во Кина во јануари годинава за да го испитаат коронавирусот што првпат се појави во Вухан во декември 2019 година.

Шефот на СЗО рече дека меѓународните експерти имале потешкотии во пристапот до податоци за време на нивниот престој во Кина.

– Се надевам дека новите заеднички студии ќе се базираат на поширока и побрза размена на податоци, додаде Гебрејесус.

Шефот на делегацијата на експерти, Питер Бен Ембарек, изјави дека во Кина, како и на други места, некои податоци не можат да се споделуваат поради приватност.

– Извештајот е многу важен почеток, но тој не е последниот збор, рече шефот на СЗО.