Шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска ги видела снимките од опожарувањето на бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“ во Битола. Таа во интервју за БТВ рече дека на снимката видела маж со маска како ја пали вратата на објектот, според неа ладнокрвно. Генчовска не можела да види кој е тој, но забележала дека и самиот се запалил.
„Се гледа еден човек кој мирно пристигнува со велосипед, вади цевка со запалива течност и мирно ја истура течноста, не можам точно да кажам каква. И спокојно ја истура пред вратата на културниот дом. Оваа смиреност беше малку нарушена, бидејќи пожарот што избувна беше огромен, се исплаши, се сомневам дека лицето има некои повреди од овој пожар, можеби ќе побара лекарска помош. Но, ова е мое видување“, рече Генчовска.
Генчовска во интервјуто рече дека снимката ја видела бидјеќи е сопственост на самиот културен центар. Таа очекува судството во Македонија брзо да си ја заврши работата.
Од обвинителството велат дека се анализираат снимките од видео камерите на самиот културен центар Ванчо Михајлов, како и од околните објекти и се работи на откривање на потпалувачот на дел од објектот.