Прашањето за Република … Македонија не може да се реши до крајот на француското претседателство со Советот на ЕУ, изјави денеска шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска пред состанокот на Комисијата за надворешна политика на Собранието на Бугарија.

Таа нагласи по минатонеделната средба по лидерите на владината коалиција од Кабинетот на премиерот Кирил Петков посочиле дека „се потпираат“ на Министерството за надворешни работи, меѓутоа, според неа, „тимови на премиерот продолжуваат да го саботираат процесот на различни начини“.

„Тие водат разговори со нашите партнери од ЕУ, ние се обидуваме овие разговори да ги водиме на чисто професионален начин, но од маргините дознавме дека и советници на премиерот водат паралелни разговори“, рече шефицата на бугарската дипломатијата.

На прашањето дали Петков би можел „да го прескокне“ Министерството за надворешни работи во врска со прашањето за Македонија, Генчовска одговори дека „нема шанси“ тоа да биде заобиколено.

На прашањето дали бугарското МНР треба да подготви извештај за напредокот во односите меѓу двете земји, Генчовска рече дека тоа може да се случи доколку се одржи Консултативниот совет за национална безбедност, што треба да го закаже претседателот на Бугарија и тој да побара таков извештај од Министерството.

Извор: МИА