Дроновите кои ја нападнаа руската воздухопловна база Хмејмин во Сирија ги управуваше американскиот воен извиднички авион Посејдон-8, изјави денеска заменик министерот за одбрана на Русија, генерал-потполковник Александар Фомин на Форумот за безбедност во Кина.

– Тринаесет дронови, раководении од една екипа, се движеа кон заеднички воена мета. За сето тоа време, американскиот извиднички авион Посејдон-8 осум часа патролираше во областа на Средоземно Море, рече Фомин.

Тој додаде дека „дроновите се префрлени на мануелно управување, откако наишле на контрамерки од рускиот систем“

– Мануелното управување не го изведуваа некои селани, туку Посејдон-8 кој има модерна опрема. Тој ја презеде мануелната контрола, рече Фомин.

Руската база Хмејмин во Сирија од јануари годинава беше мета на неколку групни напади од дронови, а последниот беше во август.