Под слоганот „Штрајкуваме, се бориме, бараме“, Конфедерацијата на работници на Грција, од утрово започна 24часовен генерален штрајк.
Државата денеска е без железнички и поморски сообраќај. Бродовите ќе останат закотвени на пристаништата, поради учеството во штрајкот на грчката поморска федерација, а на повикот на синдикатот позитивно одговорија и од грчката железница.
Сериозни проблеми во Атина се очекува да предизвика штрајкот на јавниот превоз. Со исклучок на автобусите кои ќе сообраќаат неколку часа, сите други јавни превозни средства (метро, тролејбуси, трамваи) 24 часа не функционираат.
Од конфедерацијата на грчки работници, меѓу другото, бараат минимална плата од 751 евро, колективни договори, работа за сите, целосна социјална помош и за 11 часот по локално време, најавија протест во центарот на Атина.
Вчера, штрајкуваа новинарите, а Грција беше без вести, информативни емисии на радијата и телевизиите и без весници.