Генералниот секретар на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус оцени дека ситуацијата во етиопскиот регион Тигра, зафатен од војна, е исклучително тешка и се пожали дека не може да им помогне ниту на членовите на своето семејство кои, како што рече, таму гладуваат.
„Имам многу роднини таму. Сакам да им испратам пари, но не можам“, рече тој.
Тедрос додаде дека не ни знае „кој од нив е жив, а кој не е“.
Од почетокот на конфликтот во Тигра во 2020 година, овој регион е отсечен од светот и нема телефонски или интернет врски.
Како што пренесуваат странските агенции, десетици илјади цивили загинаа, а на милиони им е потребна помош во храна.
Светската програма за храна соопшти дека речиси половина од населението на Тигра од 5,5 милиони е во сериозен недостиг на храна.
Тедрос, поранешниот министер за здравство на Етиопија, неодамна оцени дека ситуацијата е полоша од онаа во Украина.