Јас како генетичар предвидувам дека вирусот би можел да изумре со неговата мутација, вели хрватскиот генетичар Мирослав Радман кој е член на Научниот совет на Владата на Хрватска.
Радман го коментира коронавирусот и смртноста предизвикана од истиот.
– Многу малку може да се предвиди со оглед на ширењето на Ковид-19. Луѓето се доволно паметни да не предвидуваат затоа што немаме елементи со кои би предвиделе што би се случувало во иднина. Најважниот податок е која е последицата од таквите зарази. Поголемиот дел од случаите се асимтоматски, а смртноста опаѓа со текот на времето, така што не треба да се паничи. Би било добро да се знае зошто смртноста опаѓа. Не опаѓа само поради тоа што во последниов период се заразуваат младите луѓе, особено во текот на летото. Интересна е опсервацијата дека смртноста опаѓа во однос на февруари и март, вели Радман.
Тој смета дека вирусот би можел сам од себе да изумре.
– И научниците кога немаат доволно податоци не можат да бидат функционални научници. Јас како генетичар предвидувам дека вирусот би можел да изумре со неговата мутација, своите сопствени грешки во копирањето, затоа што вирусите кои што во себе имаат РНА, а не ДНА како геном, мутираат околу 100.000 пати повеќе. Вирусот можеби ќе изумре преку генетска смрт доколку акумулира толку грешки преку мутацијата. И тоа го предвидувам затоа што немаме податоци за иднината кои што по дефиниција се непознати, изјави Радман.