Презвитер Георги Калчу, нов романски исповедник
Христијанската вера не е некој условен, промислен став. Стотникот (центурион, римски офицер, н.з.) на Христос му го опишал својот однос со слугите: „Господи, кога на едниот ќе му кажам оди, тој оди; кога на другиот ќе му кажам: направи го тоа, тој го прави“ (Мт. 8;9).
На ист начин, тој верувал, дека кога Господ ќе му заповеда на нечистиот дух: „Ослободи го овој човек“, духот навистина ќе го ослободи и доколку Христос рече: „Не се враќај повеќе во овој човек“, нечистиот дух нема да се врати.
Стотникот имал голема вера и пред да биде извршено било какво чудо.
Нас, многу често, нѐ водат добри намери. На пример, ќе слушнеме дека иконата на Мајката Божја се појавила некаде на небото. Одиме таму да ја видиме и можеби да поверуваме. А притоа и не знаеме во што сме верувале. Бев во Чикаго, за да ја видам иконата на Мајката Божја која плачеше.
Тоа се случуваше 1987 година. Бевме присутни тројца свештеници и служевме божествена Литургија за романскиот народ. Во текот на Литургијата, од очите на Мајката Божја три пати протекоа солзи. Нејзината облека беше целосно натопена од солзи. Видов луѓе кои доаѓаа таму за да се уверат во тоа. И ние исто така се уверивме. Луѓето потоа заборавија на тоа, бидејќи
верата која се темели на чуда е – слаба.
Доколку Ве удри сега Бог, секако дека би повикале: „Господи!“ Доколку сега има земјотрес или започне војна, вие повторно би
повикале: „Боже, спаси ме!“ Меѓутоа, кога земјотресот ќе помине, вие повторно ќе го заборавите Бог.
Сосема е поинаква верата која се заснова на тесна духовна врска со Христос, кога знаете дека без Него сте сосема ништожни и дека сѐ е во Негови раце: дека Он може да Ве сруши и Он може да Ве подигне, Он може да Ве исцели или да направи да умрете, дека Он може да Ве избави од несреќа или може да допушти таа да се случи.
Суштината на ова учење е во следното: немојте вашата вера да ја засновате и таа да се темели на чудата! Многу пати нашиот Спасител го употребил својот збор и болните се исцелиле. На капетанот, меѓутоа, не му било потребно Господ најпрво да направи некое чудо, па дури тогаш да поверува во Него. Навистина, нему му било потребно само Господ да потврди дека неговиот слуга ќе биде излечен. Дошол кај Христа како кај Оној за кој знаел дека може да го исцели неговиот слуга, како кај некој кому му верува, иако не беше Евреин, туку Римјанин.
Кога посакувате да се случи некое чудо, може да се случи да кажете: „Боже, ако постоиш направи го ова чудо!“ Бог, се разбира, нема да Ве услиши. Или, можеби ќе ве услиши, доколку тоа навистина ѝ е потребно на вашата душа. Многу е поважно да верувате во Бог и пред да се случи некое чудо! Не очекувајте чуда, бидејќи најдлабоката поврзаност со Бог е духовна!
Молете се на Господ и бидете во Негово присуство, нека Он живее во вас! Бог ќе ви одговори со Своите невидливи чуда, поткрепа на вашиот дух, издигнување кон подобро разбирање на Неговите одлуки. Не онака како што ние тежнееме да разбереме, историски и рационално, туку разбирање во подлабока, духовна смисла, кога ќе видите дека во сѐ се наоѓа Божјата
рака.
Постоеле многу големи Отци кои воделе возвишен духовен живот и кои Бог ги наградил со бројни дарови. Тие направиле многу чуда, но секогаш кога некој би дошол да им се заблагодари за чудото, тие одговарале со зборовите: „Тоа не го направив јас, туку Христос! Бидете благодарни на Бога!“
Господ ги воздигнал во Својата Светлина: на некои им дал ореоли околу главата, каков што имаше отец Бенедикт Гијус од Черника, а на некои способност да можат со огромна брзина да преминат од едно место на друго – се наоѓале на едно место, а после неколку минути на километри подалеку.
Тоа беа чуда кои Господ ги направил преку нив и заради нив, откако се стекнале со длабоко духовна, лична врска со Христос.
Еве каква е таа лична врска: таа подразбира својата душа да ја принесете на Христа, а Он ќе ви го прати Светиот Дух кој делува во вас. Ова ја надминува секоја овоземска награда. Какво значење има ситуацијата во која вашиот автомобил ќе се разбие, а Бог ќе ви прати некој да ви помогне?
Тоа се ситни работи… меѓутоа, што значи вашата духовна врска со Христос, кој живее длабоко во христијанската душа, или што значи присуството на Светиот Дух во вашето срце? Тоа ве прави благ и спремен да простите; нема да се разгневите на вашиот ближен, ниту тој гнев да го чувате во себе; вие за секого ќе претставувате блескав светилник, дури и ако се трудите да
останете незабележани – тоа се вистински чуда кои Христос нѐ повикува да ги направиме.
Сочувајте ја својата поврзаност со Христос, како што направил капетанот, и ќе примите божествена награда. Размислувајте правилно, и не дозволувајте му на злиот дух да ве надвладее. Немојте да го искушувате Бог, ниту да говорите: „Боже, дојди и всели се во моето срце“ додека разговарате со ѓаволот, дури и ако чувствувате дека се борите против него. Наместо тоа, викајте како капетанот:
Господи, само кажи збор и ќе се исцели моето срце (Мт. 8;8)! Амин.
(извор: Православна светлина),