Германската Влада остро одговори на обвинувањата на американскиот министер за здравство, Роберт Кенеди Помладиот, кој тврди дека Берлин ги погазувал правата на пациентите и вршел политички прогон врз лекарите за време на пандемијата на Ковид-19.
Министерката за здравство на Германија, Нина Варкен, во официјална изјава ги отфрли овие тврдења како „целосно неосновани и некоректни во однос на фактите“.
Претходно, Кенеди преку видеообраќање соопшти дека испратил писмо до својата германска колешка, тврдејќи дека дознал за над илјада лекари кои се соочуваат со судски процеси затоа што издавале потврди за невакцинирање или неносење маски. Кенеди оцени дека Германија ја заменила „светата врска лекар-пациент“ со опасен систем кој ги претвора докторите во инструменти на државната политика.
„За време на пандемијата никогаш немаше општа обврска за медицинските лица да ги вакцинираат пациентите. Никој кој одбил вакцинација од етички или лични причини не бил подложен на кривичен прогон“, нагласи Варкен. Таа појасни дека правни мерки се преземаат исклучиво во случаи на измама и фалсификување документи, како што се лажни потврди за имунизација.
На обвинувањата реагираше и поранешниот министер за здравство, Карл Лаутербах. Тој преку социјалните мрежи му порача на Кенеди дека треба да се фокусира на проблемите во САД, како што се краткиот животен век и високата стапка на смртност од наркотици.
„Во Германија, судовите се независни. Владата не ги казнува лекарите, туку правниот систем реагира на издавање медицински документи со невистинита содржина“, напиша Лаутербах. Иако мнозинството Германци ја поддржаа вакцинацијата, земјата се соочуваше со протести од малцинство скептици, често поддржувани од десничарски движења.
фото: архива




