Началникот на Генералштабот на руските вооружени сили, Валериј Герасимов, денес изјави дека руската армија контролира 74 проценти од Запорожје, 76 проценти од Херсонската област, како и 79 проценти од Донецк и 99,7 проценти од Луганската област, сумирајќи ги резултатите од борбените операции во Украина за време на „пролетно-летната кампања“.

До целосно заземање на Луганската област остануваат околу 60 квадратни километри, истакна Герасимов.

Според податоците, руската армија од март зазела повеќе од 3.500 квадратни километри и 149 населени места, пренесува РИА Новости. Руските војници продолжуваат да напредуваат во Днепропетровската област, каде што седум населени места се ставени под контрола, а Купјанск е практично целосно блокиран, нагласи Герасимов.

Тој рече дека во пролетта и летото, вооружените сили на Украина ги концентрирале сите свои напори на забавување на напредувањето на руските сили и дека претрпеле големи загуби.