Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во гостување во Дневникот на телевизија Сител изјави дека целосно го поддржува протестот поврзан со УСЈЕ и порача дека мора да има строги и континуирани контроли, не само таму, туку во сите фабрики, се вели во соопштението од Општина Центар што МИА го објавува интегрално.
„Доколку тоа што се зборува е вистина, мора да следуваат ригорозни санкции “, истакна Герасимовски.
Како потпретседател на ЗЕЛС, Герасимовски нагласи дека очекува Град Скопје да изработи јасен план, стратегија и програма во која ќе бидат вклучени сите 10 скопски општини, со цел намалување на загадувањето и негово целосно искоренување.
„Договорено е до крајот на годинава, односно до средината на следната недела, да имаме состанок во рамки на ЗЕЛС со сите општини, каде ќе се разговара за повеќе теми, а приоритет ќе биде аерозагадувањето“, рече Герасимовски.
Тој посочи дека се неопходни клучни мерки: функционален и ефикасен јавен и сообраќаен превоз, кој со години се најавува, но сè уште не е на соодветно ниво, воведување мерки при екстремно загадување, како системот „пар-непар“ за намалување на сообраќајот, строги инспекциски контроли, како и засилени проверки кај домаќинствата што се греат на штетни материјали како гуми, пластика и други опасни горива. Дополнително, неопходни се и редовни контроли во индустриските зони и кај најголемите загадувачи.
Герасимовски истакна дека Општина Центар нема индустриска зона, но дека воздухот нема граници и дека сите скопски општини се подеднакво засегнати од загадувањето.
Во однос на можната дислокација на цементарницата УСЈЕ, градоначалникот порача дека тоа нема да биде лесна задача, но, ако се сака се се може.
Одделение за односи со јавност
Општина Центар – Скопје




