Германскиот амбасадор во Македонија денеска на свечениот прием на германскиот национален празник – Денот на националното единство, со кој се одбележува падот на Берлинскиот ѕид и обединувањето на Западна и Источна Германија, повика на обединување на власта и опозицијата во земјава пред претстојниот состанок на Европскиот совет на кој треба да се донесе одлука за отпочнување преговори меѓу Македонија и Унијата.
-За С. Македонија за неколку дена претстои важна одлука – одлуката на Советот за општи работи на Европската Унија за отворање на пристапните преговори. Германскиот Бундестаг ја даде својата согласност на 26 септември за сојузната Влада да може да гласа „за“ во Брисел. Оптимист сум дека и од Советот ќе има јасен вотум за европскиот пат и натамошната ЕУ – перспектива на С. Македонија. Задача на власта и опозицијата ќе биде да ја искористат заедно оваа шанса и со тоа да ја исполнат својата политичка одговорност, порача Герберих на свечениот прием, на кој присустуваа претставници на државниот врв, на опозицијата, дипломатски претставници, претставници на јавниот живот.
Нагласи дека сето тоа е во насока во Македонија да постои општество на европски вредности, во кое владее правна сигурност, во кое сите луѓе имаат можност да ги практикуваат основните човекови права, општество во кое никој не им пропишува на луѓето како треба да мислат и во кое децата и нивните семејства може да се развиваат во благосостојба.
-Како германски амбасадорт горд сум што можам да ја претставувам мојата земја кај Вас и истовремено да придонесам за да се запознаеме подобро и пред се да ги унапредиме врските меѓу луѓето од нашите земји. РС Македонија воодушевува со големиот потенцијал и Германија како доверлив партнер сака заедно со Вас да учествува во натамошниот развој на овој потенцијал, рече Герберих.
Додаде дека тој потенцијал се покажува во сите области на односите меѓу двете земји и нагласи дека Германија е и останува не само најзначајниот трговски партнер на Македонија, туку германските организации во областите економија, наука, култура и образование, како на пример Гете институтот или политичките фиондации успешно соработуваат со институциите на земјава.
-Постојат динамични партнерства меѓу регионите, градовите, општините, како со Баварија, Бранденбургх, Нирнберг и Дрезден. Сето ова е резултат на неуморниот ангажман на многу луѓе во двете наши земји, рече тој.
Германскиот амбасадор додаде дека значаен составен дел на нашите заеднички напори и натаму ќе биде да се продлабочо и прошири перспективата на евроатлантската интеграција на Македонија. Тука, како што истакна, се вбројува и натамошната поддршка при спроведувањето на неопходните реформи, за да им се пристапи со решителност и консеквентно да се спроведат, за да не се губи време.
-Главните точки ни се познати на сите: правосудство, реформа на интитуциите, како и создавање на слободни и независни медиуми. Граѓаните мора да видат конкретни резултати што го подобруваат секојдневниот живот, изјави амбасадорот.
Нагласи дека оваа година Денот на германското единство се одржува на посебен јубилеј – 30 годишнина од падот на ѕидот, кој повеќе од 28 години ја делеше Германија во времето на Студената војна.
-Есента 1989 година, откако на 9 ноември беше прогласена слобода на патување за сите граѓани на ГДР, се отворија граничните премини: прегранти Германци од Истокот и Западот, солзи радосници, радост за целата земја, рече германскиот амбасадор, Томас Герберих.