Германија, која во јули го презема шестмесечното претседателство со Европската унија, најави дека ќе се залага за поцврст став на ЕУ кон Кина и ќе бара реципроцитет во односите со таа земја, потенцирајќи ги и вредностите на ЕУ.

Во новиот нацрт-план на германското претседателство на ЕУ, во кој имал увид Ројтерс, се изразува желба да се развие соработка со Кина, како и да се работи на поголем реципроцитет во сите области опфатени со планот, пренесува Танјуг.

Спомнувањето на реципроцитет е резултат на поплаки од германски компании кои тврдат дека немаат пристап до кинескиот пазар во иста мерка како што им е дозволено на кинеските компании да работат на германскиот пазар.

„Политиката на сите институции и земји членки на ЕУ кон Кина треба да биде унифицирана, урамнотежена и ориентирана кон долгорочните заеднички интереси и вредности на ЕУ“, се наведува во планот напишан на 24 страници.

Зборот „вредност“ не постоел во претходната верзија на планот, подготвен во март, а неговото вклучување во новиот документ потенцијално сугерира посилен акцент на теми како демократија, човекови права и автономија на Хонг Конг, коментираат европски медиуми.