Германското министерство за внатрешни работи денеска соопшти дека Томас Халденваг ќе го замени Ханс-Георг Масен на функцијата шеф на Службата за заштита на уставниот поредок (германската контраразузнавачка служба).
Халденваг досега беше заменик на Масен.
Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер минатата недела соопшти дека поранешниот шеф на Службата на заштита на уставниот поредок Ханс-Георг Масен е испратен принудно во пензија. Првично тој требаше да биде специјален советник на министерот за внатрешни работи. На прес-конференција во Берлин Зехофер соопшти дека го замолил претседателот Франк-Валтер Штајнмајер да го преземе овој чекор поради „неприфатливите формулации“ на Масен во негов говор.
Во својот проштален говор пред своите поранешни соработници, но и публика од редовите на тајните служби од странство, Масен зборувал за постоење „леворадикални сили“ кај Социјалдемократската партија, наивни во поглед на миграциската политика. Масен пред своите европски колеги во Варшава во октомври изјавил дека неговите изјави поврзани со инцидентите во Кемниц, биле добра можност за провоцирање распад на големата владина коалиција во Германија. Говорот на Масен со недели бил присутен на веб-страницата на Службата за заштита на уставниот поредок, потсети Дојче Веле.