Економската активност во приватниот сектор на Германија се уште е во пад, но резултатите се подобри во споредба со минатиот месец и во однос на очекувањата на експертите, е заклучокот од извештајот што денеска го објави агенцијата Markit Economics.
Според првата прелиминарна проценка, композитниот индекс на менаџери за набавка (PMI) во Германија, кој во септември изнесуваше од 47,5, во октоври се зголеми на 48,4 поени. PMI е параметар кој се користи како показател за економската активност, а резултатот под 50 поени укажува дека економијата е во состојба на контракција, односно пад на економската активност.
Индексот на менаџери за набавка во услужниот сектор порасна во октомври од септемвриските 50,6 на 51,4 поени, а PMI во германскиот производствен сектор од 41,3 поени на 42,4 поени.
„Почетокот на четвртиот квартал е подобар од очекуваното“, рече главниот економист на Хамбуршката трговска банка (HCOB), Сајрус де ла Рубија.
Според него, охрабрувачки е што услужната дејност растеше со побрзо темпо отколку во септември. Тој додаде дека производството во Германија веројатно ќе биде во рецесија и во четвртиот квартал од 2024 година, но може да започне следната година на поцврсти основи.
Германија, најголемата економија во еврозоната, ќе стагнира на крајот на оваа година, а следната година ќе порасне за 0,8 отсто, се вели во најновата прогноза на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).