Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас денеска ја поздрави одлуката на американската администрација за укинување на санкциите против компаниите и поединците вклучени во спорниот руски гасовод „Северен поток 2“ и го опиша потегот како „конструктивен“.

САД веќе долго време се спротивставуваат на проектот за руски гасовод кој испорачува природен гас од Русија до Германија, тврдејќи дека тоа претставува закана за европската енергетска безбедност и им штети на американските сојузници како Полска и Украина бидејќи гасот ја заобиколува нивната територија.

Американскиот информативен портал Аксиос вчера јави дека во последниот редовен извештај на Стејт департментот до Конгресот ќе бидат наведени санкции за неколку руски бродови, но не и за компанијата што управува со проектот Северен поток 2, ниту за нејзиниот генерален директор.

– На ова гледаме како на конструктивен чекор, изјави германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас во Берлин.