Германија ја прекинува соработката со Приштина поради тензиите во северно Косово

/ 06.07.2023

Амбасадата на Германија во Приштина потврди за Радио слободна Европа дека привремено ја прекинува соработката со Косово во неколку области поради неисполнување на барањата на ЕУ за намалување на тензиите во северниот дел од државата.

Со таа мерка, за која од Амбасадата велат дека е преземена согласно дејствијата на официјален Брисел, не се опфатени проектите со граѓанскиот сектор, како и оние проекти чија реализација е веќе започната.

– Мерките опфаќаат одлагање на владини консултации за соработка за развој, откажување на планирано билатерално партнерство околу климата и на предавањето специфична опрема за понудувачите на безбедносни услуги, се наведува во одговорот на Амбасадата на Германија.

На крајот на јуни ЕУ објави дека вовела привремени казнени мерки кон Косово, поради тоа што Владата на Албин Курти не ги презеде мерките кои ги побара европскиот блок за деескалација на состојбата на север.

Во тој дел од Косово, населен со мнозинско српско население, настанаа тензии од крајот на мај годинава, кога новите градоначалници Албанци во тамошните четири општини влегоа во општинските згради со помош на полициски специјалци, наспроти отпорот и протестите на српското население.

ЕУ ја суспендира работата на сите работни групи за Договорот за стабилизација и асоцијација, како и поканите за учество на Косово на средби на високо ниво.

Како од ЕУ, така и од Германија, нагласуваат дека тие мерки се привремени и дека можат да се укинат доколку Владата на Курти ги преземе бараните дејствија за смирување на ситуацијата.


Од истата категорија