Германија ќе и дозволи на кинеската компанија „Хуавеј“ да учествува во изградбата на 5Г мрежата, објави германскиот дневен весник „Ханделсблат“.
Весникот наведува дека имал увид во нацрт-законот што ја регулира таа област, што Владата на Ангела Меркел ќе го достави до Бундестагот овој месец.
Според тој нацрт, ќе биде задолжително да се даде гаранција за сите компании кои ја произведуваат оваа опрема, така што нивната технологија да не остави таканаречена задна врата за кибер напади.
Посебно внимание ќе се посвети на контролата на опремата на „Хуавеј“ што ќе биде инсталирана во германската 5Г мрежа, пишува „Ханделсблат“.
Преговорите меѓу Германија и „Хуавеј“ траат подолго време, со притисок од американскиот претседател Доналд Трамп да ја исклучи кинеската компанија од изградба на мрежата од новата генерација.
„Хуавеј“ е главен снабдувач на опрема на трите најголеми телекомуникациски компании во Германија, Дојче Телеком, Водафон и Телефоника.