Германија е подготвена да прифати дезертери од руската армија кои се изложени на ризик од сериозни репресии, изјави германската министерка за внатрешни работи Ненси Фесер за „Франкфуртер алгемајне цајтунг”.
– Оној кој храбро му се спротивставува на Путин и на тој начин се става во голема опасност може да побара политички азил во Германија – рече Фесер.
Германскиот министер за правда Марко Бушман вчера даде слична изјава на Твитер. „Секој кој го мрази патот избран од Путин и ја сака либералната демократија е добредојден во Германија”, напиша Бушман.
Сепак, добивањето политички азил не е автоматски процес. Станува збор за поединечни решенија кои се поврзани со безбедносни проверки, потсети денеска министерката за внатрешни работи.
– Германија за неколку месеци прими 438 противници на Кремљ кои се заплашени или прогонувани од руските власти – посочи Фесер, додавајќи дека меѓу нив особено има новинари.
Но, не сите Руси дезертираа од мобилизацијата во војска. Голем дел од нив уште утринава беа регрутирани. Прашање е колкав од нив купиле карти за да избегаат, но не успеале да излезат од земјата. Руската државна авиокомпанија „Аерофлот” денеска соопшти дека ќе им ги врати парите за билети купени пред средата на оние Руси кои беа мобилизирани, јави „Си-ен-ен”.
„Граѓаните кои подлежат на воен рок, а купиле билети пред 21 септември 2022 година (вклучително) имаат право на неволно (надвор од контрола на клиентот) враќање на парите за билетот”, се наведува во соопштението на компанијата.
Како што се појаснува во соопштението, лицето мора лично да се обрати до местото од каде е купен билетот и да покаже каков било документ што ќе го потврди правото за прекинување на договорот, со што ќе му бидат вратени парите.
Летовите што ја напуштаат Русија се продадоа за неколку часа, откако рускиот претседател Владимир Путин соопшти за делумната мобилизација во текот на вчерашниот ден. Цените за оние малкуте достапни билети „скокнаа”, покажаа руски агрегаторски веб страници.