Кралот на Тајланд, Маха Вачиралонгкорн може да биде протеран од Германија доколку продолжи да издава укази од неговата вила во Баварија, соопшти Бундестагот, а пренесе Дојче веле.
Германскиот Парламент соопшти дека тајландскиот крал се радува на својот дипломатски имунитет за време на неговиот продолжен престој во неговата вила во Баварија, но државата има моќ да го протера од земјата.
Според наодите на истражните служби на Бундестагот, а кои биле нарачани од Социјалистичката партија на левицата, германската држава има многу малку моќ да го протера тајландскиот крал, и покрај неодамнешните предупредувања од министерот за надворешни работи Хајко Мас.
Претходно, Мас го предупреди Вачиралонгкорн да не управува со неговата земја од Германија, додека има продолжен престој во неа во текот на протестите против неговото недемократско владеење со Тајланд.
Само оваа недела на протестите во Бангкок беа приведени повеќе од 50 лица.
-Јасно стававме до знаење дека политиките што влијаат на земјата Тајланд не треба да се водат од германско тло, рече Мас на почетокот на октомври.
Вачиралонгкорн неколку месеци мина во својата вила покрај езерото Старнберг, јужно од Минхен, а пролетта често пати престојуваше во еден луксузен хотел во ски-центарот Гармиш-Партенкирхен, со што ја прекрши забраната за престој во хотели, како една од мерките во тоа време за запирање на пандемијата на коронавирусот во Германија.
Кралот во октомври се врати во Тајланд, а левичарската партија ја повика германската Влада да му забрани влез во Германија.
„Секој кој, како кралот, со бруталноста на воената хунта го потиснува демократското движење, не треба да биде награден со виза за луксузен долг престој во Германија“, наведуваат левичарските парламентарци Севим Дагделен и Хајке Хенсел во заедничката изјава.
Германското Министерство за надворешни работи, претходно во ноември, соопшти дека не најде докази дека кралот издал укази од Баварија, со кои се кршеле човековите права, иако опозициските германски политичари го тврдат спротивното.