Германската канцеларка Ангела Меркел застана во одбрана на својата Влада од критиките дека вакцинацијата во земјата е забавена, истакнувајќи дека постоела добра причина за умереното темпо на Европа во споредба со другите региони.

Барајќи трпение од јавноста, Меркел го задржа ветувањето на својата Влада дека ќе им овозможи вакцинација против Ковид-19 на сите возрасни Германци до крајот на третиот квартал оваа година.

– Патот во некои моменти беше побавен, но сметам дека за тоа постоеја добри причини, изјави Меркел пред новинари по состанокот со државните лидери и претставници на фармацевтски компании и Европската комисија.

Цивилните служби на ЕУ и владите на Унијата се најдоа на удар поради спориот напредок во вакцинацијата на своето население против коронавириусот од Британија, Израел и САД, особено откако клучните добавувачи ги намалија испораките.

Но германската канцеларка истакна дека дури и при сценарио да не стигнат вакцините на компаниите „Џонсон и Џонсон“ и „КјурВак“, Германија сепак ќе најде начин да му понуди на секое возрасно лице вакцина до крајот на летото. Се уште не е одобрена ниту една вакцина за деца.

– Ќе биде густо во првиот квартал, нагласи градоначалникот на Берлин, Михаел Милер на прес-конференција, додека баварскиот премиер Маркус Зедер призна дека чекањето го тестира трпението на јавноста.

Меркел истакна дека се уште не се знае дали вакцинацијата ќе треба да се спроведува секоја година, предупредувајќи дека не постои апсолутна безбедност. Новиот вид на коронавирус би можел да ги смени сите планови.